Македонија
2. August 2022 - 19:45

Расте бројот на ковид позитивни, најмногу во Скопје

За една недела во државата има 8,5 проценти повеќе новодијагностицирани со Ковид 19. Според анализата на Институтот за јавно здравје, од 25 до 31 јули позитивен тест добиле 4764 граѓани од кои речиси половина се во главниот град. Скопје е жариште на вирусот и според здравствените власти е црвена зона според бројот на активни случаи. Од заболените изминатиот 7 дневен период, најмногу се во возрасната група над 60 години а најмалку има кај тинејџерите.  Во последната анализа на ИЈЗ има регистрирано и 9 смртни случаи – сите биле повозрасни со коморбидитети и починале во болнички услови.

И додека растат бројките на нови случаи нема зголемување и на вакцинираните. Во пунктовите најмногу одат оние кои сакаат да примат 4 доза и досега во државата такви се околу 6 000. Мал е опфатот и кај популацијата која е бустирана со трета доза и само 8,8 проценти од вкупното население е во оваа категорија.

Ако диспанзерите за вакцинација неделно ги посетуваат околу 1500 граѓани, тешко дека ќе бидат потрошени 350 000 дози на вакцини кои здравствените власти ги имаат на располагање во моментот, а чиј рок завршува до крајот на октомври. Меѓу нив се и вакцините на Модерна кои се само за бустирање.