30% од децата кои треба да се вакцинираат се иселени од државата
Околу 30% од децата во струмичкиот регион кои треба да ја примат редовната вакцина се иселени од државата. Најчесто станува збор за деца кои заминале кај родителите кои работат во западно европските држави. Ваквата состојба, антивакциналните кампањи и ковид пандемијата биле главните причини поради кои минатата година опадна опфатот на вакцинација со МРП вакцината. Од Здравствениот дом во Струмица апeлираат до родителите кои планираат да заминат надвор од државата претходно да се обратат до нивната служба за да добијат вакцинален картон за иселување.
За да се подигне свеста кај родителите службата за вакцинација започна со интензивна кампања преку која се информираат граѓаните за важноста на вакцината. Во кампањата се вклучени и директорите на училиштата, а во соработка со министерството за здравство неколку месеци функционира и кризен штаб составен од епидемиолог, санитарен инспектор и лекар од вакцинација.
Како резултат на спроведената кампања бројот на имунизирани деца почнал да се зголемува, но според лекарите,за да бидат децата заштитени опфатот на имунизација треба да биде над 90%. Во меѓувреме апелираат до сите родители, наместо од интернет за се што ги интересира да се информираат од доктор.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар