Дали нелегални трговци откупуваат тутун на црно во струмичко?
Нелегални трговци откупуваат тутун на црно во струмичкиот регион, предупредуваат од здружението на тутунопроизводители Басмак.
Според претседателот на здружението, Марјан Трајков, ваквата појава била регистрирана во последните две недели и тоа во неколку села, пред се од општина Василево.
Трговците, за дел од производството имале обезбедено и соодветна картонска амбалажа, а за килограм тутун плаќале од 170 до 180 денари.
Од здружението Басмак апелираат до надлежните институции за почести контроли на терен, а на производителите им порачуваат да не брзаат и да не го даваат производството на диви трговци бидејќи на тој начин добиваат пониска цена, а ја губат и можноста за субвенции.
Во државниот инспекторат за земјоделство до сега нема стасано таква пријава. Од таму информираат дека нивните инспектори постојано се на терен и доколку регистрираат незаконски активности истите ќе бидат санкционирани.
Од инспекторат ги потсетуваат граѓаните дека на располагање ја имаат и бесплатната телефонска линија на кој може да се пријават сите нерегуларности што ќе ги увидат на терен.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар