Македонија
14. December 2022 - 12:19

Општински претпријатија се префрлија на регулираниот пазар – простор да се враќаат долговите

ЈП „Исар“ од Штип од 1-ви декември е на регулираниот пазар за струја. Според првиот човек на претпријатието Трајче Здравков, тоа ќе значи двојно помала сметка за потрошена електрична енергија и стабилност во финансиското работење. 

Берзанската цена секој месец варираше, така што ние плаќавме од 40 денари за киловат час до 15 до 20 денари за киловат, во зависност од берзанската цена на отворениот пазар. Со оваа договорена цена, се надеваме дека барем еднаш до два пати сметката ќе се намали, за со остатокот на средствата да можеме да покриеме дел од сметките од првите три месеци кои беа по 19 милиони денари, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „Исар“ - Штип.

Доколку Владата ја откочи обврзницата која ја бара општината, ЈП Исар ќе изгради мала хидроцентрала и ќе постави фотоволтаични панели, со кои би ги покриле од 60 до 70% од потребите на електрична енергија за работа на филтер станицата.

Ќе остануваат дополнителни средства доколку се оствари овој проект со кој јавното претпријатие конечно ќе можа да „земе воздух“ и да може да работи слободно, додаде Здравков.

„Исар“ должи околу 5 милиони евра, со тенденција долгот да не се зголемува, но и има побарувања од правни и физички лица во висина од над 50 милиони денари.

Од физички лица имаме долг од околу 20 милиони денари, а со правните лица долгот е над 30 милиони денари, изјави Здравков.

Поради високите сметки за струја и направените долгови кон добавувачите, дел од комуналните претпријатија на истокот беа приморани на рестрикции.