Македонија
17. December 2022 - 16:37

Подобро рангираните доктори „извисија“ за работа во кочанската болница

Стојан Лазаров и Андреј Коцев, двајца млади лекари од Кочани, кои конкурирале на огласот за вработување во кочанската општа болница, обвинуваат за пристрасност и нерегуларност при изборот. 

Имено, Лазаров е трето, а Коцев шесто рангиран на листата, за вкупно 6 работни места за лекари, меѓутоа наместо нив, на работа се примени седмо и осмо рангираните, кои имаат двоцифрен број помалку поени и понизок просек.

-Првите 6 требаше да влезат, меѓутоа директорот без основа, иако се повикува на ранг листата ги прими кандидатите под реден број 7 и 8, иако имаат помал просек и помалку поени. Во овој случај директорот самоволно одлучува и оди против ранг листата и против комисијата, изјави Стојан Лазаров, дипломиран лекар по општа медицина.

-Ако директорот сам одлучил и ако ова е негова одлука, која е потребата од просек, полагање и мислење на комисијата, изјави Андреј Коцев, дипломиран лекар по општа медицина.

Младите лекари побараа средба со министерот за здравство, а од Државната комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен да го разгледа случајот.

-Против директорот Александар Серафимов ќе биде поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена должност, додаде Коцев.

Денес се обидовме да стапиме во контакт со директорот на кочанската болница, но не одговори на телефонските повици.