Водата во долниот тек на Брегалница премногу загадена
Водите на река Брегалница во долниот дел од течението се од 4-та категорија или многу загадени, поради испуштање на не третирани канализациски води во речното корито. Состојбата е повеќе од загрижувачка кога е низок водостојот.
-Најмногу се нарушени микробиолошките параметри, каде имаме од оние термостабилни колоформни бактерии во огромни колични, од кои најголем дел се од фекално потекло, изјави Проф. Георги Димов, Факултет за природни и технички науки - УГД - Штип.
По горното течение на Брегалница функционираат две пречистителни станици, во Берово и Кочани. Кочанската пречистителна станица кај село Мојанци дневно обработува до 9000 кубни метри отпадни води.
Сепак, граѓанските активисти сметаат дека во реката по други канали се влева не третирана индистриска вода, која како таква не смее да се меша со канализацијата.
-Нивните води прво излегуваат на отворено во Оризарска река, а од таму во Брегалница. Водите во регионот се загадени од компанијата Пејпер Мил и некои други придружни компании што немаат пречистителни станици, но примарна е Пејпер мил, изјави Горан Лефков, граѓански активист.
Изградбата на пречистителна станица за отпадни води во општина Штип, инвестиција вредна над 25 милиони евра, се уште стои само на хартија.
-Капитален проект кој ќе се финансира со најголем дел од средствата од ЕУ, од ИПАРД 3 програмата и преку Министерствата за финансии и животна средина, се очекува да биде распишан тендерот, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
За руралните делови од општините кои нема да бидат приклучени на канализацискиот систем, експертите предлагаат изградба на мочуришни типови на постројки, кои обезбедуваат релативно висок степен на пречистување на отпадните води по природен пат.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар