Македонија
1. January 2023 - 16:39

Штипскиот градоначалник новата година им ја честиташе на највозрасните жители

Необична визита на штипскиот градоначалник на првиот новогодишен ден. Наместо кај најмладите, односно, кај првото новороденче, поради почитување на процедурата во болницата, се одлучи годинава да го посети најстариот жител на општината. Дедо Симо има полни 103 години. Живее во штипското село Стар Караорман и до пред една година активно се занимавал со земјоделство, кога доживеал повреда на „работното место“. 

- До 102 години активно работеше во бавчата и оваа година имаше негови производи, тој што ги беше посадил. Сакал да посади некое семе во оранжериите, но паднал и залегна. Еве една година како лежи во кревет. Нозете не му се добри, инаку здравствено е добар, јаде 2 до 3 пати дневно – изјави Круме Насков, син на Симо.

- Да сте живи и здрави, добро здравје да веслужи во 2023-тата година, па следната Нова Година пак да се видиме, му посака Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Неговиот помал брат Ристо, во февруари ќе наполни 100 години. Здравјето добро го служи, досега не бил на лекар и се уште е физички активен.

- Работи во оранжерии, продава пиперки и патлиџани. Наутро и навечер јаде, а и ракија си пие по една чашка, приквечер и сабајле. Телевизија гледа многу, следи вести, со мозокот е здрав, работи со телефон, се слуша со ќерките, знае сам да ѕвони, знае се, изјави Димче Насков, син на Ристо.

Од Локалната самоуправа ги почастија со пакети прехрамбени производи, a старите домаќини возвратија со домашно вино.