Хуманитарна акција во Прилеп
По 15 пат во Прилеп, во организација на хуманитарната организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски, која функционира во состав на црквата „Св. Благовештение“ се организираше Божикната хуманитарна акција. Како и повеќе години наназад и годинава беа приготвени 140 пакети со прехрамбени производи и хемиски средства кои ќе им бидат донирани на социјално загрозени семејства. Производите за овие пакети се купија од донациите што граѓаните во изминативе 3 недели ги оставаа во посебни кутии во 4-те православни храмови во Прилеп.
„Во зависност од тоа колку ќе се соберат средства така и се пакетите, сега пакетите се во вредност од околу 2.000 денари, плус од овие 140 семејства кои добиваат вакви семејни пакети имаме неколку сами корисници кои се на оваа хуманитарна акција. Нив ги покриваме на таков начин со што одиме во најблискиот маркет и за одредена сум, помала од оваа бидејќи се сами, си купуваат производи кои што им требаат“, вели Драган Џокоски, хуманитарната организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.
Од овие 140 пакети околу 35 ќе бидат поделени во прилепските села, а околу 105 пакети во градот. Бројот на семејства на кои им било потребна ваква помош за жал секоја година бил се поголем и поголем.
„Се зголумува бројот на семејства, постојано, но секогаш гледаме да добијат оние кои што се најприоритетни и имаат некоја потреба за пакетот, поголема од другите. Тоа сепак се прави во консултација со свештениците, тие најдобро знаат на кого во парохијата овој пакет му е потребен најмногу“, додаде Џокоски.
Ваква голема хуманитарна акција се организира и за празникот Велигден. Инаку
хуманитарната организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски функционира преку целата година и им помага на голем број социјално загрозени семејства, семејства на кои се потребни пари за лекување, операции во странство и слично.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар