Македонија
9. January 2023 - 12:18

На Штип му треба студентски дом

На штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ во моментот студираат околу 1200 странски студенти. Најголем број се од Турција, но има и од Германија, Шведска и Шпанија, како дел од програми за размена на студенти.

Дел од тие студенти се апсолвенти или доаѓаат на Еразмус програми и се краткотрајно присутни во градот, се работи за неколку месеци. Вкупната бројка на активни странски студенти е околу 700, имаме на подготвителна настава по македонски јазик уште околу 500, изјави Дејан Мираковски, Ректор на УГР - Штип.

Напливот на странски, но и домашни студенти во Штип, кои се потешко се снаоѓаат со сместување, повторно го актуелизира прашањето за изградба на студентски град. Во владение на УГД, општината го отстапи просторот каде беше старото нервно одделение, но за да се реализира една ваква капитална инвестиција треба да се ангажираат сите релевантни институции.

Верувам дека тоа е нешто, кое заедно со локалната самоуправа, Министерството за образование, ќе треба да работиме поинтензивно во наредниот период и сигурен сум дека ќе се најде модус да го искористиме тоа што е дадено на Универзитетот, додаде Мираковски.

Дефинитивно наша цел и на општината и на Универзитетот со ресорното министерство е таму да се урбанизира просторот кој во моментот е една грда и небезбедна слика за градот, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Идејата за изградба на студентски град на оваа локација е стара повеќе од 10 години. Во меѓувреме во старите и истроешени згради на одделението се сместија ромски семејства чии живеалишта беа однесени од поплавите во 2015-та година. Пред просторот да се урбанизира ќе треба да бидат изградени типски куќи во кои ќе бидат сместени овие семејства.