Загадувањето и вирусите ги полнат амбулантите
Аерозагадувањето си го зема данокот. Од средината на минатиот месец, па се до пред два дена мерната станица на лабораторијата АМБИКОН при УГД, Штип го стави во црвената зона. Големата концентрација на штетни материи во воздухот се добра основа за појава на голем број кардиоваскуларни и белодробни заболувања.
Ако веќе болеста сме ја држале под контрола, аерозагадувањето може да допринесе до влошување и затоа како совет е да не се излегува надвор ако нема потреба и редовно да ја зимаат својата пулмолошка или кардиолошка терапија, во зависност од нивниот ординирачки лекар, изјави Валентина Митрова, матичен лекар.
Расте и бројот на лица со респираторни заболувања. Зголемениот број пациенти во изминатите два дена се должи и на продолжениот викенд заради Божиќните празници.
Почна бран на респираторни инфекции. Ковид пандемијата да не заборавиме дека се уште постои, но се вкрсти и сезонскиот грип, така што најчесто пациентите се жалат на болка во грло, сува кашлица, мускулна болка, главоболка, висока температура која може да трае 2-3 дена со над 39, намален апетит, гастрични тегоби, така што симптоматологијата е испреплетена, додаде Митрова.
За да се утврди точната дијагноза и да се даде соодветна терапија, матичните лекари пациентите ги упатуваат и на тестирање за корона вирусот.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар