Со најсовремени апарати Штипскиот универзитет ќе го мери квалитетот на воздухот
Со 24 милиони денари, 17 милиони преку Министерството за образование, а остатокот од сопствени средства, штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ ја осовремени и модернизира лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот АМБИКОМ. Опремата е наменета за мерење на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух, во реални услови и време.
-
Се работи за опрема од најнова генерација на електронски сканинг микроскоп, каскадни импактори и други уреди, генерално фокусирана на подобра анализа и детекција на аеросолите или популарно наречени суспендирани честички, коишто имаат влијание врз здравјето на луѓето, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД.
Опремата во лабораторијата нема да се користи само за мерење на загадувањето, туку истата е на располагање за практична работа на студентите, а овозможува и истражувања во повеќе научни области.
-
Полека ги реализираме напорите да станеме современ, отворен и развојно ориентиран Универзитет, да имаме соработка со сите заинтересирани страни, со младите, со нашите студенти, со нашите вработени, но и со колегите од сите универзитети и од кај нас и од регионот, додаде Мираковски.
Самото вложување, меѓутоа и отворањето на дискусии за теми кои го засегаат високо образовниот процес е многу значајно, додаде Мираковски, зашто квалитетното образование е темел на едно демократско и просперитетно општество.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар