Македонија
18. April 2023 - 16:39

Лекарската комора времено му ја одзеде лиценцата на тетовскиот анестезиолог

Лекарската фела бара времено да му се одземе лиценцата на анестезиологот кој снимаше и во живо на Тик -Ток емитуваше пациенти и медицински персонал во Тетовската болница. Судот на честа при Комората едногласно донесе обвинение и предлага 43 годишниот лекар определено време да не може да врши медицинска дејност, бидејќи ги нарушил етичките норми и ја загрозил приватноста на болните.

- Лекарот треба да е свесен, дека за секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, ги компромитира сите други колеги. За жал, во овој случај, Етичката комисија констатираше дека колегата со своите постапки и однесување, прекршил повеќе етички норми на кои го обвзува кодексот на медицинска деонтологија, поради што поведе постапка пред судот на честа, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

Обвинението ќе му биде доставено лично и на анестезиологот кој е во 8-дневен притвор во Шутка. По истекот на рокот за жалба за една недела повторно ќе заседава Судот на честа при Лекарската Комора и ќе донесат конечна одлука на колку години ќе му биде одземена лиценцата, а максимум е 7 години. Ова е прв случај поради етички причини да му се забрани на лекар да врши дејност. За вакви ситуации не може трајно да се одземе лиценцата.

Досега по правосилна судска одлука Лекарската комора на двајца лекари трајно, а на други двајца времено им ги одземала лиценците за работа.

Анестезиологот ден по објавата на Тик ток беше избркан и од работа од Клиничката болница Тетово.