Онкологија се уште е без потребната имунолошка терапија
Болни од рак останаа без имунолошка терапија. Од онкологија потврдуваат дека дел од овие биолошки лекови за повеќе видови карциноми недостигаат бидејќи биле исцрпени резервите. Пациенти реагираат дека иако завршиле со хемотерапијата и зрачењето, имунолошката терапија не можат да ја земаат навреме и се загрижени за нивната здравствена состојба зошто на Клиниката ја нема повеќе од две недели.
-Проблемот е настанат поради тендерската постапка која навистина долго трае. Целата процедура е во завршна фаза и се надеваме дека во текот на првата недела од мај ќе ги имаме сите лекови во потребните количини за сите пациенти. Во меѓувреме ќе бидат потпишани договорите за едногодишна набавка за да не се случуваат вакви ситуации, вели за Сител д-р Виолета Клисаровска, директор на Клиниката за онкологија.
Имунолошката терапија е во форма на инекции и се прима на секои три недели. Онкологот кој го води пациентот одредува дали ќе прима вакви или други лекови во зависност од неговата состојба.
Претходно на Клиниката недостигаше и лек за рак на дојка, но за кратко време оваа терапија беше набавена.
Пред 3 недели и во извештајот на Државниот завод за ревизија имаше забелешки токму за набавката на биолошката терапија. Се делела без медицински протоколи и без одлука на стручен колегиум само по одлука на докторите, а за пациентите постоело опасност да останат без неопходните лекови. Претходното раководство на Клиниката оваа терапија ја купувало од еден набавувач, на реверс, без одобрени средства од Фондот за здравство, посочија ревизорите.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар