Туристите ги блокираа граничните премини, со часови се чека за на море
И утринава имаше навала од македонски и српски туристи на граничните премини кон Грција. По вчерашните километарски колони, и денеска граѓани на социјалните мрежи реагираат за бавен проток и чекање на граница за да стигнат на море. Според информациите од АМСМ, на Богородица за излез се чека половина час, а на Дојран 20 минути. Началникот на РЦ ЈУГ вели поради викендот и почетокот на летната сезона на премините под нивна надлежност бележат зголемена фреквенција на патници и возила. Само на Богородица за 24 часа влез и излез оствариле близу 32.000 лица.
- Во функција се ставени сите човечки и материјални ресурси, но поради процедурите и безбедносни проверки времето на чекање е од 20 минути до половина час. Во функција во моментот за влез се сите 4 ленти за автомобили, една за автобуси и една за камиони. Вчера од 10 часот до денеска до 10 часот влчез и излез на Граничниот премин Богородица оствариле 31.880 патници, од нив 10.540 се македонски државјани, а 21.340 се странци, изјави Славчо Богев, началник на РЦ Југ.
Поради долгите колони на Богородица, вчера многу граѓани, претежно од Србија одлучија да паузираат во Дојран и направија хаос со автомобилите по улиците. Градоначалникот вели дека градот веќе 10 години има бенефит од српските туристи кои патувале кон Грција, некои останувале само на ручек, а други пак и по неколку дена.
- Она што е интересно е дека многу српски туристи кои се без деца се сместуваат во Дојран поради поевтиниот смештај и храна и патуваат секој ден за до плажите во Грција, но нашата цел е да ги привлечеме српските туристи и преку текот на годината, не само во летната сезона, изјави Анго Ангов, градоначалник на Дојран.
Освен на границата со Грција, утринава имаше зголемена фреквенција и српската граница. Километарски колони и долго се чекаше и на српска страна за влез на Табановце.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар