Македонија
3. July 2023 - 12:50

Штип ги раздолжува јавните претпријатија

За излез од финансиската криза, ЈП „Исар“ ќе продава имот вреден 15 милиони денари. Се работи за деловни простории на градскиот пазар во Штип, со површина од 120 метри квадратни, кои веќе 5 години не се користат. 

- Сметам дека ќе допринесат за зголемување на приходот на јавното претпријатие за да може да ги сервисира доспеаните обврски кои ги има и по основ на кредит од минатите години и по однос на добавувачи со кои соработува јавното претпријатие- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип. 

Ова е една од мерките за исплата на долгот кон Министерството за финансии, кој година и половина го субвенционира општината, за кредит земен пред 20 години и за кој каматите се двојно поголеми од главниот долг.

Еден и пол милион евра е главницата, а скоро 3 милиони евра е камата која нараснала како резултат на не сервисирањето на основната главнина во изминатите години на функционирање на јавното претпријатие- додаде Јорданов.

Управниот одбор на претпријатието донесе одлука за редуцирање на бројот на вработени до Нова година, кои би заминале по пат на пензионирање или како технолошки вишок. 

- Се прави систематизација, со која ќе се утврди кој тип на кадар е потребно да остане во јавното претпријатие, а од кој тип на кадар имаме суфицит, односно, превработеност. Така што, самата систематизација ќе ги даде првичните информации колку луѓе ќе има потреба да заминат од јавното претпријатие и на тој начин да се намали вкупниот трошок кој на месечно ниво го имаме- изјави Јорданов.

Прекувремените работни часови, наместо со пари, ќе се компензираат со слободни денови за вработените.