Македонија
12. July 2023 - 16:32

90.000 евра казна за Кисела Вода, градоначалникот најавува правна битка

Ѓорѓиевски правно ќе возврати на казната од Град Скопје, бидејќи Арсовска нема ингеренции да изрекува казни за територија со која не раководи. Градоначалникот на Кисела Вода демантира дека бил потребен каков било договор со Дрисла за да одложи отпад. Тој тврди дека неколку дена претходно му биле испорачани фактури, па праша дали во тој случај, директорот на претпријатието постапил незаконски што му наплаќал за услугата.

Казната според информациите до кои дошол Ѓорѓиевски изнесува околу 90.000 евра но официјално се уште не пристигнала. Казна вели била подготвена и за општина Сопиште но со помал износ. Градоначалникот обвини дека Арсовска ги уценувала градските инспектори да ја потпишат.

Одговор од Дрисла дали е точно дека испорачале фактури без склучен договор со Општината, не добивме. Дали е точно дека се изрекуваат казни за двете општини и по кој основ од Град Скопје одговорија:

- Да, согласно со Законот за управување со отпад Инспекторатот на Град Скопје изрече казна од 88 000 евра за Општина Кисела Вода за депонирањето на смет пред влезот на депонијата „ Дрисла“.

Потсетуваат на соопштенито од претпријатието дека општините Аеродром и Кисела Вода немаат потпишано договори со ЈП „ Депонија Дрисла Скопје“, а последниот договор е истечен во март месец.

Градоначалничката испрати и писмена реакција до Ѓорѓиевски. Таа тврди дека од општина Кисела Вода дури вчера испратиле барање за склучување договор со ЈП Дрисла и му порача дека „срамно е да плаче и да се жали на прес-конференции, кога веќе јавно изјавил дека стои одговорно зад постапката со истурање на отпадот. 

- Имотот на парцелата на ЈП Дрисла е во сопственост и основана од страна на Советот на град Скопје е во директна надлежност на градот Скопје. Оттука, произлегува дека т.н „правен тим“ на Ѓорѓиевски е значитено помалку едуциран за проблематиката за која е советуван градоначалникот. Негов е проблемот пак, што ја прифатил ваквата сугестија. Договор има компанијата „Анизор“ која е ангажирана преку тендер од страна на Општината, стои во писмената реакција на Арсовска.