Има ли место за паника поради трите случаи на заразени со конго-кримска треска?
Нема простор за паника. Ова е заклучокот на членовите на Комисијата за заразни болести откако беа потврдени 3 случаи на Конго – кримска хеморагична треска. Иако болеста ја пренесуваат крлежите од КЗБ потенцираат дека не секој ваков инсект е заразен. Бидејќи Македонија е ендемско подрачје ќе се прави типизација за да се открие која варијанта на вирусот е присутна во земјава. Резултатите од овие испитувања на ветеринарните служби кои подигнале крлежи од штипскиот и велешкиот регион од каде имаме заболени граѓани ќе бидат познати за две недели. Претходните студии на факулетот за Ветерина покажале дека дури 30 проценти од добитокот во земјава бил во контакт со овој вирус кој е присутен во земајва години наназад.
- Меѓутоа немаме информации за хоспитализирани случаи од предизвикани од овој вирус, што значи дека вирусот е тука, меѓутоа, можно е поблагата варијанта да циркулира низ стоката, изјави проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Во меѓувреме Комисијата за заразни болести препорачува превентивни мерки, да се внимава при престојот во природа и покрај влажни места каде има крлежи, а здравствените работници кога ќе имаат сомнителен случај поради убод од овие инсекти пациентот да го препратат на Инфективно.
- Комисијата бара и организирање на акциски план во кој ќе се направи проценка на преваленцата на наоѓањето, односно колку често овие крлежи ги има во различните региони по што треба да следува дезинсекција која се смета за клучна превентивна мерка за намалување на ризикот од појава на оваа болест, посочи професорот Петличковски.
Во земјава засега има доволно тестови со кои се потврдува овој вид на хеморагична треска, а била нарачана и дополнителна количина. Достапен е и лекот Рибавирин кој дава ефекти во третманот на болеста.
Според информациите од Инфективна во стабилна состојба се 42 годишниот рибар од Велешко и болничарката од Инфективна која беше заразена од жената од Штип која почина поради компликации од вирусот.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар