Македонија
22. August 2023 - 16:32

Дисциплинска постапка ќе има за медицинската екипа од Брзата помош која пие кафе додека пациент лежи во возилото

Ќерката на пациентот барала медицинската екипа која го вршела транспортот да направи кафе пауза за да се освежат. Таа ова му го посочила и на директорот на Здравствениот дом Струга откако во јавноста се појави видео на кое се гледа како пред бензиска пумпа во амбулантно возило лежи болен човек со маска за кислород, а медицинскиот тим пие кафе и вода. Настанот се случил минатиот понеделник.  60 - годишниот пациент со карцином во терминална фаза бил отпуштен од скопските клиники. Семејството го качило во приватен автомобил за да си го однесе во Струга, но во Ѓорче му се слошило и не можеле да го продолжат патот. Неколку часа барале амбулантно возило. Од струшката болница немале слободно, а скопска приватна установа им барала дури 35.000 денари. Екипа била испратена од Здравствен дом Струга.

-Тие чекале на едно место покрај орев во ладовина 3.5 часада дојде екипата, а тука немавме ни вода, ни сок, а не можев да го ставам татко ми. Кога дојде екипата го прегледа, му приклучи инфузија и тргнале. Кај ќе можете по пат ве молам застанете да се освежам и застанале, ова е изјава на ќерката на пациентот. Во тој момент некој ги снимал, изјави д-р Андон Ложанкоски, директор на Здравствен дом Струга.

По паузата пациентот го транспортирале до општата болница во Струга, а потоа бил пуштен дома каде после неколку дена починал бидејќи  болеста била во напредна фаза. Директорот на здравствениот дом Струга вели дека  настанот со кафе пауза на медицинската екипа не влијаел врз здравствената состојба на пациентот, но сепак не е етички и ќе има дисциплинска постапка.

-Де факто не му наштетиле на пациентот, но де јуре е грда слика и затоа формирав дисциплинска комисија, изјави д-р Ложанкоски, директор на ЗД Струга.

И покрај барањето на ќерката од министерството за здравство информираат дека не е дозволено застанување на Брза помош на тој начин  и за случајот ќе покренат инспекциски надзор.