ЕСМ бара дозвола од Град Скопје за смена на цевките од системот за парно греење на мостот „Беласица“
Град Скопје чека од ЕСМ да ја заврши санацијата со цевките на мостот а не им дава дозвола за работа. Истиот одговор и денеска го добивме на прашањето кога ќе им одобрат да работат.
„Од извештајот констатирано е дека пожарот предизвикал само површинско напукнување на надворешниот бетонски слој, предизвикано од изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ треба да го санира о цел да обезбеди можност за безбедно поставување на нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снадбување на граѓаните на градот со топлинска енергија.“
Иако уште минатиот месец ЕСМ ги отстраниле опожарените цевки и ги направиле подготовките за поставување нови, не можат да работат додека не добијат зелено светло од Градот. Уверуваат, дека и покрај ваквата ситуација, нема да ги остават граѓаните без парно.
- АД ЕСМ е подготвен, по добиена дозвола од Градот Скопје, да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“ и ќе вложи максимални напори нивната монтажа да се заврши во најкраток можен рок. Опожарувањето на мостот не е причина за одложување на стартот на следната грејна сезона, која почнува во октомври 2023, и сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија.
На мостот Беласица поставени се бетонски и железни огради на средишниот дел, за сообраќај се пуштени само двете крајни ленти. Мостот кој поради опасност од опожарениот дел беше затворен 4 месеци, сега е безбеден само за лесни возила.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
