Опозицијата ќе ја води анкетната комисија за скандалот Онкологија
13 членови ќе брои анкетната комисија во собранието која треба да го расветли скандалот на Онкологија. По две недели откако опозицијата ја иницираше оваа комисија, конечно утврдија каков ќе биде составот.
Мнозинството од 6 пратеници и претседател на анкетната ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од СДСМ, двајца од ДУИ и еден од Алијанса. Предлог имињата на пратениците кои ќе членуваат ќе ги достават на пленарна седница.
Со меѓусебни обвинувања течеше комисиската расправа. Пратениците од СДСМ тврдат дека кај нив постои силна волја, институциите што поскоро да го расчистат случајот. Опозицијата порача доколку биле искрени во намерите, до сега ќе биле поднесени оставки и за претходните трагични настани во кои се загубија многу човечки животи.
Анкетната комисија ќе има право да предлага сведоци, експерти, кои ќе дадат изјави пред пратениците во врска со случајот и во рок од 1 месец треба да достават извештај до Собранието, со кој ќе се утврди политичка одговорност.
Инаку скандалот на Онкологија се прошири и надвор од границите на Македонија. Наводите и сомнежите за препродажба на скапата терапија, лекувањето на странски пациенти ги наведе надлежните иснтитуции да бараат докази во Косово и Албанија. Побарана е помош и од Управата за финансиско разузнавање и ревизорите, а Обвинителството врши распит на 20тина пациенти и членови на семејства кои сами се пријавиле да помогнат за расветлување на случајот.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
