Измените во КЗ или неажурното судство? Што ги застарува пердметите од висок профил
Премиерот Ковачевски не чувствува вина за застарување на судските предмети. Измените кои ги донесе Владата вели, се по европски терк, застарувањата биле резултат на неажурниот правосуден систем.
„Целото решение на измените кои се однесуваа на усогласување беше направено заради усогласување, а не заради конкретни случаи кои се наоѓаат во постапка по осум, девет, десет години. Бидејќи, по таа теза би значело дека кај нас би требало да се воведе незастарување на ништо и сите судски случаи да можат да траат по 50-60 години кога би биле решавани. Праксата на земјите членки на ЕУ укажува на рокови кои обезбедуваат судење согласно со пракса која нуди ефикасност за сите странки во процесот“, изјави Димитар Ковачевски, Премиер.
И вицепремиерката за добро управување, прстот го вперува кон судиите и обвинителите. Им порача да не глумат политичари.
„Се уште има доволно време после толку години, случаите од СЈО да се процесираат и во една ефикасна и правична процедура да завршат и да покажат правосудните органи дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор и да не се однесуваат поголеми политичари од политичарите“, изјави Славица Грковска, вицепремир за добро управување.
По застарување на предметот за масовното прислушување, иста судбина ќе има случајот „Топлик“. Апелациониот суд го врати предметот на повторено судење, иако е веќе изминато времето во кое обвинетите може кривично да се гонат. Застареноста ќе треба да ја потврди Кривичниот суд.
Според евроамбасдорот Гир, измените укажувале на неказнивост. Веќе се подготвувал извештајот за нивното влијание врз правосудниот систем.
„Одблиску ги следиме сите случувања кои се поврзани со судството и сите измени и последици кои произлегуваат од измените на Кривичниот законик, се разбира дека ние ќе излеземе со нови оценки со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата“, изјави Дејвид Гир, Евроамбасадор.
Застарувањата на судските случаи од висок профил, според невладините, дополнително ја намалуваат довербата на граѓаните.
„Застарувањата сега кои ќе произлезат од измените на Кривичниот законик, ќе ги обесхрабрат граѓаните да се приклучуваат во борба против корупција, затоа што сугерират дека ништо не може да се направи“, изјави Миша Поповиќ, Центар за добро управување.
Според пресметките, со примената на измените во Кривичниот законик ќе застарат десетина предмети, а 80 лица ќе бидат ослободени од вина.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
