Оваа година 6 убиства во Македонија
Од почетокот на годината до денеска извршени се шест убиства со огнено оружје на територијата на Македонија, покажува извештајот на Министерството за внатрешни работи. Од нив, четири кривични дела се целосно расветлени, за што кривично се гонат пет сторители. А полицијата се уште трага по уште најмалку двајца убијци.
За споредба, во 2022 година, полицискиот билтен нотира пет кривични дела „убиство“, од кои две дела се целосно расветлени, а надлежните работат на расчистување на останатите три.
Оваа година е намален бројот на извршено кривично дело „убиство во обид“, во споредба со претходната година. Министерството за внатрешни работи лани нотира 10 обиди за убиство со огнено оружје, а годинава шест.
Кривичните дела „убиство во обид“ кои биле извршени лани, полицијата целосно ги разрешила, за што кривично се пријавени 15 сторители. Додека пак, од овогодинешните шест обиди за убиство, расветлени се 5. Шестиот случај ќе биде расчистен, кога ќе се открие кое е лицето коешто пукаше во Раде Штекли и неговиот пријател во трговскиот центар Ист Гејт.
За нерасветлените кривични дела се преземаат мерки и активности за откривање на сторителите, велат од МВР.
Инаку, според последниот извештај на Глобалниот индекс на мир (ГПИ) за најбезбедните земји во светот, Македонија се наоѓа на 38-то место. Најбезбедна земја во светот и годинава е Исланд, која е на врвот на списокот секоја година од 2008 па до денеска.
Кога станува збор за земјите на Балканот, најдобро, највисоко оценета е Словенија, на осмото место, потоа Хрватска на 14-тата, а Бугарија е на 30-тата. позиција.
Подолу од македонската држава на списокот се наоѓаат Црна Гора – на 45. место, Грција (60), Босна и Херцеговина (61), а Србија е 65-та, што ја прави најлошо позиционирана земја на Балканот.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
