Министерката за култура чека Арсовска да и ги префрли ингеренциите за Универзална сала два месеци
Министерката Костадиновска Стојчевска веќе два месеци ја чекала градоначалничката Арсовска да подготви договор, со кој ингеренциите на Универзална сала ќе бидат префрлени на Министерството за култура.
Министерката тврди дека уште во септември имале усмен договор со градоначалниката за потпишување на документите за примопредавање на ингеренциите, но и по два месеци, од Град Скопје немало никаков одговор.
- Универзална сала се уште е на Град Скопје. Затоа што немаме потпишано договор за примопредавање. Ниту на ингеренциите за реконструкција, ниту на проектната документација. Да бидам искрена, не сум ни поминала покрај Универзална сала за да видам дали е нешто сменето од минатиот јануари кога бевме таму со Арсовска, изјави на денешниот брифинг со новинарите министерката за култура.
Од Град Скопје пак, не појаснија кога точно ќе биде потпишан договорот, но уверуваат дека неделава ќе се одржи состанок, на кој ќе се прецизира неговата содржина.
- Во врска со засилените шпекулации околу понатамошната постапка за реконструкција на Универзалната сала, должни сме да го изнесеме нашиот став по ова прашање, а пред се, во интерес на вистината. Град Скопје е најзаинтересираниот субјект за брза и успешна реконструкција на Универзална Сала, како еден од култните симболи на градот, но и како една од главните сцени за многубројните настани во проектите на Скопје Европска престолнина на културата 2028. Процесот на реконструкција беше попречен од проектот на претходното градско раководство, кој е дониран на Градот во 2021 година и содржи суштински недостатоци, поради кои беше оневозможено продолжувањето на реализација на реконструкцијата, што е констатирано уште во август 2021 година. Проблемот од 2021 година креиран од донираниот проект во претходниот мандат беше надминат со Одлука од Советот на Град Скопје со која реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала ќе ја преземе Министерството за култура, кое по реализација на реконструкцијата на објектот, истиот ќе го врати во владение на Градот Скопје. Град Скопје и Министерството за култура ќе потпишат договор, чија содржина со заеднички консултации ќе се прецизира на состанокот што ќе се одржи неделава. Откако објектот ќе биде реконструиран, Град Скопје повторно ќе го преземе неговото раководство, велат од Град Скопје за Сител
Универзална сала може да падне. Вакво предупредување испратиле од ИЗИС двапати уште во јуни месец годинава. Ситуацијата е таква оти салата била отворена многу долго време. Дополнително, негативно влијаеле и силните ветрови, дождови и зимата којашто ни претстои.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
