Герасимовски даде отчет за сработеното во изминатите две години
„Образованието и децата ни се приоритет“. Ова денеска го посочи градоначалникот Горан Герасимовски, којшто даваше отчет за сработеното во изминатите две години. Првиот човек на општина Центар изјави дека уште од почетокот на својот мандат, работел на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа. Место во градинките имало за секое дете од општината, а воспитно-образовните иституции згрижувале и ученици од другите општини во Скопје.
„Вложуваме и во инклузивно образование затоа по реконструкцијата Коле Неделковски ќе има и лифт, пристапна рампа и тоалет за учениците со потешкотии во движењето. Обезбедивме сензорни соби во училиштата Киро Глигоров, 11 Октомври, Песталоци и Гоце Делчев. Ангажиравме и 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Тие беа ангажирани и за време на летниот распуст за што во овие две години издвоивме 4 милиони и 800 илјади денари“, изјави Герасимовски на денешната прес-конференција.
Со основање на проектот „Енергија“, Центар ќе стане првата енергетски независна и самоодржива општина во државата. Веќе бил поставен првиот фотоволтаичен систем на кровната површина на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка и истиот треба да ги задоволи капацитетите за снабдување со електрична енергија и во зимскиот период.
Герасимовски посочи дека го исполнил и ветеното кон пензионерите. Во изминатите 2 години биле отворено 3 пензинерски клубови, а за највозрасните граѓани од Центар биле обезбедени и бесплатни стоматолошки прегледи. Првиот човек на општината се осврна и на зголемените вонредни испекциски контроли во областа на урбанизмот, при што биле изречени 90 казни за правни лица и 208 казни на физички лица.
Задоволен од сработеното, Герасимовски најави буџетски форуми со граѓаните.
Градоначалникот на Центар за догодина најави и изградба на нова општинска зграда.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
