Македонија
14. December 2023 - 16:36

Родителите ја бојкотираат наставата во „Тодор Јанев“ – Чашка, не ги пуштаат децата на училиште

Четврта недела по ред, родителите на учениците од OУ„Тодор Јанев“ ја бојкотираат наставата во ова училиште, лоцирано во Општина Чашка. Повеќе од 20 денови децата се дома, наместо во училишните клупи, тврдат родителите за Сител. Ситуацијата кулминирала со веста за новоформираната албанска паралелка. 

Претседателката на Советот на родители, обвини дека таа била производ на незаконското работење на в.д. директорката на училиштето. 

„Во првиот и вториот ден од бојкотот беше објавена и албанската паралелка, со намера да се направи дефокус на вистинскиот проблем којшто ние го имаме овде. Нели, работва да биде не е незаконското работење, туку албанската паралелка – што во никој случај не е точно“, изјави за Сител ТВ Цвета Пешовска, претседателка на Совет на родители при ОУ „Тодор Јанев“ – Чашка.

„Албанската паралелка е само производ на сите незаконски акти кои се претходно направени и на крај доаѓа паралелката, која исто така е незаконска. Правно, не постои никаде. Во прашање се четири дечиња, од кои три се од Бањица, кај едното стои место на живеење Општина Чашка. Тие четири дечиња се внесени во електронскиот дневник во прво одделение со нашите дечиња, од каде што беа извадени претходно, меѓутоа се внесени без број на главна книга“, додаде претседателка на Совет на родители.

Родителите не попуштаат. Добивале закани со кривични пријави дека нивните деца ќе ја повторуваат годината, но и покрај се’ ќе продолжат со бојкотот на наставата, се додека не се најде решение на проблемот.

„Протестираме бидејќи незаконски се отвори албанска паралелка. Што е со министерот? До каде мисли вака да оди, за децава да седат дома – тоа не знам“, изјави родител за Сител. 

Друга мајка тврди дека децата ќе седат дома, се додека не се решел проблемот. Во однос на директорката Николова, трет анкетиран граѓанин кажа „Директорката не ја сакаме тука, за неа веќе нема место во Чашка“. 

За тоа дека не се одржуваат часовите, освен родителите, за Сител потврдија и наставниците. Тие одбија јавно да говорат пред камера, но во разговор, кажаа дека се воздржани на темата и не заземале никаква страна. Секој ден доаѓале пред училиштето додека трае бојкотот, но не влегувале внатре, бидејќи како што рекоа, како воспитно-образовни работници сакале достоинствено да влезат во училниците, а не со придружба на полиција и при отпор на родителите

Денешната атмосфера беше слична како во претходните денови, доста тензична. Уште во раните утрински часови, неколку минути пред седум часот, камерата на Сител забележа и полициско комбе кое се упатуваше токму кон училиштето. Околу 20-тина полицајци беа распоредени за време на денешниот бојкот, за одржување на стабилен јавен ред на подрачјето. 

В.д. директорката на училиштето, Елена Николова, која вчера едвај успеа да влезе на работното место во училиштето, денеска не одговори на нашите телефонски повици за темата. Николова ги пријавила родителите за физичко и вербално матреирање, потврдија од полицијата за Сител, од каде велат дека работата на расчистување на случајот. 

Градоначаникот на Чашка, пак кој ги изгуби ингеренциите врз училиштето уште летово, стои на ставот дека наставата мора итно да продолжи, а децата да се вратат во училишните клупи.  

„Јас како градоначалник, согласно Уставот на РСМ, сметам дека секое дете треба да си учи на својот мајчин јазик. И во тој контекст, и децата од албанска етничка заедница, треба да си учат на својот мајчин јазик, сето тоа мора да биде согласно закон. Доколку е согласно закон, јас сето тоа го поддржувам. Но, по мои информации и тоа што протестираат родителите, се работи за нешто незаконско, јас тоа не можам да го утврдам и во тој контекст барам да се провери дали е тоа законски“, потенцираше градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски во телефонски разговор за нашата телевизија. 

Од МОН се децидни дека се залагале за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик.

„Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и имајќи предвид дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик“, стои во одговорот што го добивме од Министерството за образование и наука. 

Оттаму додаваат дека било непотребно мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетувало на најдобрите интереси на младите, а тоа е да имаат квалитетно образование, достапно на својот мајчин јазик.