Саниран е дефектот на водоводната цевка - скопјани добија вода
Саниран е дефектот на водоводната цевка на „Кеј Димитар Влахов 15“, кој вчера предизвика поплава на оваа улица. Работниците работеле на решавање на проблемот до рано изутринава, а централното подрачје на Скопје конечно доби вода. Поради што точно пукнала цевката, надлежните не може со сигурност да кажат, но најмногу се сомневаат поради тоа што материјалите биле од постар датум.
„Со голема точност не можам да кажам, но има некои предвидувања, дефинитивно поради замор на материјалот, бидејќи цевките се од постар датум. Најверојатно присуство на еден одреден воздушен џеб во самиот дел на цевката доведува до вакви оштетувања“, изјави Горан Ковчегарски, раководител на сектор „Водовод“ за Сител.
Се работи за поспецифичен дефект, дециден е раводителот на „Водовод“. Процесот на санирање траел до полноќ, а потоа работниците пристапиле кон постепено пуштање на вода во системот, за да се избегне создавање на воздушни меури, кои може да создадат дополнителни проблеми.
„Проценката на штетата не може да се каже, допрва ќе треба да се утврдува. Меѓутоа за ваков тип на дефекти, можеме да кажеме од некој среден тип на дефекти. За конкретните штети ќе можеме да кажеме отпосле, откако ќе се направи детална анализа“, додаде Ковчегарски.
Вчерашниот дефект на цевката поплави две куќи и објект во кој се наоѓа фирма за дистрибуција на медицинска опрема. Градоначалникот на Центар најави дека и тим од општината ќе изврши проверка на домаќинствата и објектот, по што ќе се направат напори за да им се помогне на скопјани да ги санираат штетите од поплавата.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
