Македонија
20. December 2023 - 21:16

Хотелите во Скопје останаа празни

На помалку од две недели од дочекот на Новата година Скопје има две елки на Плоштадот, но не и програма за новогодишната ноќ. Градската администрација и градоначалничката Арсовска се уште не откриваат дали скопјани ќе можат под отворено небо на Плоштадот Македонија да ја дочекаат Новата година, ниту кои би можеле да бидат артистите кои ќе настапуваат.

Град Скопје не одговори на прашањата на Сител ниту за новогодишната ноќ, ниту која е фирмата која се погрижи за украсувањето на главниот град за што Арсовска се пофали дека потрешени биле само 30.000 евра. Тендерот се уште не е објавен на страницата на Јавни Набавки.

Скопје освен што стана мета на подбив во медиумите од регионот за првата елка, може да остане и без туристи за новогодишните празници. Хотелиерите и угостителите стравуваат дека ова ќе биде најлоша година досега.

Туроператорите се жалат дека немаат никаква соработка со институциите во делот на планирање и промоција. За да имаме странски туристи властите ќе мора да повеќе да инвестираат

-Туризмот како сектор, ако сакаме резултати бара планирање, предвидливост, инвестиции и една тајна состојка која што се вика верба. Ако за Нова Година сакаме да имаме странски туристи потребно е целата организација да ја правиме една година однапред за можеме ние да искомуницираме со нашите туристички партнери и тоа да го продадеме, вели Влатко Сулев, сопственик на туристичка агенција.

Доколку вака се постават работите Сулев вели дека бенефит ќе има и туристичкиот сектор, угостителството но и државата во целина. Вели, не смее да се заборави ниту македонската дијаспора.

Ние мораме да ги анимираме, тие нема секогаш да доаѓаат по дифолт. Тие сакаат коа ќе се вратат дома да има како квалитетно да го поминат своето време.

И додека скопјани, но и угостителите чекаат Град Скопје да ја објави програмата, сите балкански градови се веќе подготвени, а и тешко се доаѓа до слободна соба. Во Белград главната забава ќе биде во Белград на вода каде ќе настапуваат тројца српски изведувачи, Во Загреб ќе настапува групата која ја претстави Хрватска на Евровизија. Во Подгорица ќе настапуваат музичари од целиот регион, меѓу кои и Влатко Стефановски. Сараево веќе има резервирано четири бенда.