Македонија
30. December 2023 - 16:33

„Четворката“ од штипско ја чека година на предизвици

Со полна куќа дечиња, штипското семејство Зикови ќе ја дочека Новата 2024 –та година. Леонтина, Михаил, Теодор и Ведран на свет дојдоа пред 65 дена и донесоа радост и бериќет за Благица и Александар.

- Среќни сме, пресреќни, после долги години ги добивме дечињата. Малку е напорно, нормално, четирки се, не е едно, сите си имаат свои потреби. Секој си кажува што му треба, гога му се јаде , кога му се држи во раце, кога сака да се спие. Не е лесно, ама е многу убаво. Сето тоа се слатки маки- изјави Благица Зикова, мајка

Нај спанко е Теодор, а најбунтовна и темпераметна е девојката Леонтина, која се роди најмалечка. За да ги нахрани на Благица и се потребни час и половина. Дневно троши еден пакет памперси и една кутија храна од 400 грама. Најголемата желба веќе им се исполни, но мора да ги чуваат и растат со една плата, зашто мајката не ја следува породилно боледување.

- Господ ни подари 4 златни дечиња, нека ни се живи и здрави, поголема желба од тоа, немаме-изјави Александар Зиков, татко

- Имаме потешкотии, нормално, ние сме со две ин витро, едното неуспешно, со кредити и само со платата на сопругот. Цели 7 месеци си плаќавме сами придонеси по 10 000 денари, за да можам да зимам породилно, но дечињата се родија предвреме и законски не ме следува- изјави Благица

Системот не предвидува никакви бенефити за вакви раритетни случаи, а родителите ги остава да се снаоѓаат како знаат и умеат. Општината им подари плац за куќа, но засега ќе останат да живеат во скромниот дом.