Стручна комисија за смртта на родилката од Делчево
По препорака на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во Министерството за здравство ќе се формира стручна комисија за случајот со починатата родилка од Делчево. Комисијата ќе треба да го разгледа начинот на лекување и дали се направени пропусти, а извештајот се очекува да биде готов за десетина денови.
Дваесет и шест годишната родилка почина на КАРИЛ во Скопје на 26-ти декември, но претходно се породи со царски рез во штипската Клиничка болница. Поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. Но и покрај укажаната помош, родилката е со тешка клиничка слика, а конзилиум од лекари донесува одлука да биде пренесена во Скопје, за понатамошен третман. Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања при штипска Клиничка болница утврди дека нема пропусти во третманот на родилката. Бидејќи случајот ќе биде предмет на анализа на институциите кои ја контролираат нивната работа, оставија простор да се утврди причината за ваквиот исход и дали од нивна страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази.
Инспекторите на ДСЗИ веднаш извршија увид во Клиничка болница-Штип и КАРИЛ во Скопје.
Новороденчето е на Одделот за интензивна нега на Детската клиника во Скопје. Подобрена му е здравствената состојба и не е на механичка вентилација, но интензивно се следи и се очекува во следните денови да биде пренесено на одделот за неонатологија.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар