Македонија
4. January 2024 - 12:19

Реконструкција на студентскиот дом во Штип

По повеќе од две години чекање, Министерството за образование и наука го достави решението  за реконструкција и поставување фотонапонска централа на државниот студентски дом во Штип „Браќа Миладиновци“. Со проектот е предвидено поставување на енергетски ефикасна фасада, промена на кровната конструкција, водоводната и електричната инсталација, а ќе има и нов инвентар. 

- Дополнително, добивме уште едно Решение за да поставиме фотонапонска централа со јачина од близу 100 киловолти на кровната конструкција. Веќе Министерството ќе може да покрене постапка за тендерирање, ние ќе бидеме во вториот лот, така што очекуваме тоа да се случи во најбрз можен рок, изјави Јордан Насев, директор на студентски дом „Браќа Миладиновци“-Штип.

Студентскиот дом во моментот се затоплува на нафта, но троши и големи количини на електрична енергија за приготвување на храна, осветлување и други потреби.

- Годинашните трошоци се повеќе од 2,5 милиони денари или близу 45.000 евра. Со фотонапонската централа прво ќе преминеме да се затоплуваме со електрична енергија, потоа ќе добиеме заштеда во енергетска ефикасност и, нормално, ќе имаме заштеда од економски аспект, значи ќе плаќаме помалку пари за струја, додаде Насев.

Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се реализира со средства од Германската развојна банка и грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.