Македонија
10. January 2024 - 12:29

Селекција на отпад во Штип

Општина Штип започнува со имплементација на пилот проектот за примарна селекција на отпад. Тоа подразбира воспоставување добри практики и позитивни навики кај граѓаните со тоа што тие самите пред исфрлањето на отпадот од домаќинствата ќе вршат селекција, на пример, картонот, стаклото и пластиката, а потоа и ќе ги одлагаат во посебни контејнери.

-Tоа ќе значи дека ние како општина ќе генерираме помал волумен на отпад, бидејќи примарната селекција значи дека во комуналниот отпад треба да се издвојат оние фракции коишто имаат употребна и економска вредност и нема да завршуваат на депонијата, туку ќе се појави интерес од страна на оператори кои овој вид отпад би го собирале, а тоа за граѓаните ќе значи одредена финансиска придобивка за намалување на трошоците-изјави Кирил Зајков, директор на ЈП „Исар“-Штип

Дополнително, ќе зачести и собирање на сметот од страна на екипите на Јавното претпријатие, повеќепати во текот на денот. Зајков вели, оти „Исар“ не сака на граѓаните да им наметнува нешто како обврска, туку тие самите да се насочат кон одржување на чиста животна средина.

-Ние заеднички со граѓаните сакаме да ги менуваме секојдневните наши навики, бидејќи лошите навики на одредени поединци кои живеат во општина Штип претставуваат финансиска штета за Јавното претпријатие, но значат и нечиста средина во која живееме, значат и неудобно функционирање на секојдневна основа, додава Зајков.

Примарната селекција е законска обврска, а селектирањето е од есенцијална важност и е предуслов за рециклирање или реупотреба на отпадните материјали.