Штипски „Исар“ во финансиска криза
Со буџет од 270 милиони денари ЈП „Исар“ од Штип, годинава ќе реализира програма за работа, која доби зелено светло од Општинскиот совет, па веќе од следната недела започнува со реконструктивните активности, како и со мерки за подобро менаџирање со отпад.
- Влегуваме во една амбициозна програма која се темели на три основи, односно програма којашто Јавното претпријатие ќе ја насочи кон реконструкција на водоводни и канализациони мрежи согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Штип. Подигање на нови, зелени површини, како и одржување на постоечките површини и сервисирање на услугите кон граѓаните во делот на собирање на сметот“, рече Кирил Зајков, директор на ЈП „Исар“- Штип.
И покрај позитивите, Јавното претпријатие и во оваа година влезе со наталожените финансиски долгови. Зајков вели дека ситуацијата и понатаму ќе се менаџира за нивно намалување, а и дека за таа цел ќе продолжат да се спроведуваат некои од мерките кои ги одобри Општинскиот совет, а чија важност е до следната седмица.
- Сите мерки кои ги побаравме беа на среден рок, односно во траење од шест месеца. Во текот на наредната недела административно ќе престанат да важат овие мерки, меѓутоа она што ние го согледавме како Јавно претпријатие е дека дел од мерките ние и понатаму како деловна политика ќе ги спроведуваме. Ќе се внимава на реалната потреба за ангажирање на работници со прекувремено ангажирање за работа. Тоа се финансиски средства за коишто мораме да бидеме внимателни како ќе ги организираме- посочи Зајков.
„Исар“ минатата година ја започна со загуба, а така го заврши и првиот квартал, понатаму во следните квартали загубата се намалуваше за на крајот од годината да дојде до добивка од над десет милиони денари.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар