Македонија
15. January 2024 - 12:32

Како државата да се заштити од африканската свинска чума?

Свињогојството, како важна сточарска гранка, мора да опстои и во услови кога егизстира вирусот на афрканската свинска чума, смета универзитетскиот професор Димитри Наков. Оваа болест ја има и не е искоренета и во земјите од регионот.

- Треба да бидеме свесни, можеби и во наредните 30 години ќе опстојува африканската свинска чума, меѓутоа ние мора да го уредиме свињарското производство на начин што фармите ќе функционираат беспрекорно, изјави Димитри Наков, УГД- Штип

Вирусот којшто ја предизвикува африканската свинска чума е многу отпорен во надворешна средина, особено во екскретите на заболените животни.

- Мора да се напомене и популацијата на диви свињи коишто се главен резервоар и преносител на вирусот. Токму поради тоа ни се случува ова брановидно повторување на болеста во истите региони, вели Наков

И да се почитуваат сите мерки, нема можност 100% да се заштитат животните од заразната болест. Големите фарми, ги почитуваат сите биосигурносни мерки, зашто тоа е еден заокружен процес на производство, но пораст на свеста има и кај малите традиционални фарми, кои претходно не биле запознати со мерките, а веќе самите прашуваат и ги спроведуваат.

- Со подигнување на нивото на биосигурносните мерки, тоа значи дека треба да се ограничи влегувањето на други луѓе во фармата, да се направат бариери, да се спречи слободно движење на животни. Сите тие елементи ако се запазат, може да се намали пренесувањето на вирусот, додаде Наков.

Во изминатите две години во источниот регион поради зараза или како превентива се еутанизираа околу 12 и пол илјади свињи.