Македонија
22. January 2024 - 19:57

Јавниот превоз во функција, Советот одобри субвенции за ЈСП

Јавниот превоз се нормализира. Автобусите на ЈСП, но и приватните уште вечерва влегоа во сообраќај откако на втората вонредна седница која се одржа денеска советниците во Град Скопје ги одобрија субвенциите за претпријатието да може да ја исплати декемвриската плата.

Градоначалничката Арсовска лично им ја соопшти одлуката на Советот на возачите од ЈСП кои цел ден протестираа пред објектот на Град Скопје. Им кажа дека сега е време да бараат повисоки плати.

Тензично беше и во Советот, но и надвор од него. Откако во првиот обид немаше мнозинство бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ не дадоа поддршка, еден од вработените во ЈСП побара од претседателот Трајко Славески ново гласање бидејќи поради немањето плата не можел да им однесе храна на децата.

Ова е вторпат Скопје да остане без јавен превоз. Лани цели шест месеци приватниците ги чекаа парите од Градот и не сообраќаа. Денеска на неколку часа немаше ниту еден автобус на скопските улици бидејќи овој пат и приватниците се солидаризираа со колегите од ЈСП – Скопје.