Македонија
23. January 2024 - 12:33

Иселување: Со 50 ученици помалку почна наставата во училштата во Штип

Продолжува егзодусот на младите луѓе од истокот на земјата. Со 50 ученици помалку започна второто полугодие во штипските основни и средни училишта. Причина е што заедно со нивните родители заминуваат во странство. Според раководителот на Секторот на образование во Општина Штип Снежана Санева, оваа бројка е алармантна и поразителна.

- Имаме податоци за деца кои отсуствуваат, односно, кои за жал повеќе нема да посетуваат настава. Бројките покажуваат дека тоа не е мал број на ученици од средните и основните училишта. Во средните училишта имаме 26 ученика кои што пријавиле дека заминуваат, а во основните 24 ученика. Значи, на ниво на општина тоа се 50 деца кои нема да посетуваат настава- изјави Снежана Санева, раководител на Сектор за образование-ЛС-Штип

Санева додаде дека нема училиште кое посебно отскокнува, односно, бројот на заминати ученици во странство во ова второ полугодие се движи од седум до десет ученици во секое училиште во Штип. 

- Од ОУ „Гоце Делчев“ имаме пријавено отсуства, меѓутоа се уште родителите таму не образложиле зошто децата не посетуваат настава. Таа бројка е 25 ученика, но се надеваме дека во ова полугодие тие ќе продолжат со наставата, ќе се вратат во училишните клупи и редовно ќе ја завршат учебната година- изјави Санева

Мината учебна година, наставата во второ полугодие не ја започна 81 ученик, бидејќи нивните родители побараа исписници за заминување во странство.