Македонија
28. January 2024 - 16:32

Општина Штип ќе гради типски куќи за 40-тина ромски семејства

Четириесетина ромски семејства, кои бесправно живеат во објектите на старото нервно оддление,  ќе бидат дослоцирани и сместени во типски куќи, а државните институции ќе мора да им најдат решение и на жителите кои не се од Штип и незаконски и времено претстојуваат овде. Типските куќи ќе бидат изградени во реонот на манастирот Света Недела, а проектот е вреден околу 600.000 евра или 30 милиони денари.

- Проектот е завршен, се чека само одлука на Влада. Согласноста е испратена пред неполн месец. Стапивме веќе неколкупати во контакт со претставници од Секретаријатот во Влада, штом ја добиеме согласноста дека земјиштето на коешто се предвидува поставувањето на типските куќи е отстапено на Општина Штип, веднаш распишуваме тендер, што не е врзан со изборите затоа што тоа се европски средства. Ќе се избере економски оператор којшто ќе ги изработи и постави тие типски куќи. Дел од жителите коишто времено се сместени овде, да бидат дислоцирани на таа локација, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Локалната самоуправа на овој чекор се одлучи од причина што паралелно ќе стартува реализацијата на најкапиталниот проект, доизградба на булеварот „Партизанска“ кој има статут на регионален пат за поврзување со соседната општина Карбинци. Објектите се лоцирани на трасата и ќе мора да бидат срушени.

- Ова е најлошата слика на градот Штип, која за кратко време треба да се урбанизира- додаде Јорданов

Во изминатите 2 години беа направени обиди проектот да се финансира преку Јавното претпријатие за државни патишта, Министерството за транспорт и врски и преку издавање на општинска обврзница, но сите обиди беа неуспешни. Во интерес на граѓаните општината реши да издвои 2,5 милиони евра од општинската каса.