Македонија
29. January 2024 - 12:23

Виничкото комунално претпријатие пред колапс

Јавните комунални претрпријатија во земјава се на работ на егзистенција. Енергетската и економската криза оставија длабоки траги во работењето. Долговите се наталожени, тешко се справуваат  со финансиските загуби, а дел од нив не можат да обезбедат ниту редовна плата за вработените. Виничкото јавно комунално претпријатие „Солидарност“, минатата недела успеа да исплати плата за месец ноември од минатата година.

- Во месец март имаме најава од синдикатите дека повторно ќе има покачување на минималната плата, што значи дека и ние ќе мораме повторно да ја покачиме висината на платата. Не знам како ќе се справиме со тој проблем, бидејќи основен проблем ни е платата за нормално функционирање, а каде се другите трошоци за нафта за возилата, за електрична енергија, за резервни делови, анализа на водата за пиење. Имаме многу трошоци, а имаме сума на пари која во моментот не е доволна, изјави Игор Спасовски, директор на ЈКП „Солидарност“- Виница

Процентот на наплата на комуналните услуги во источниот регион е доста висок и во некои општини се движи над 90 %, но проблем е ниска цената која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. 

- Искрено се надевам дека новите цени коишто Регулаторна ни ги достави за наредните 3 години ќе поминат на Совет на општината, за малку, за одредена сума ќе ни се зголеми цената на водата и канализацијата. Не сум сигурен дека тоа ќе биде доволно, но ќе се бориме, ќе изнаоѓаме други извори на финансирање- додаде Спасовски

За да се справат со финансиските долгови, минатата година дел од комуналците воведоа вонредни мерки, намалување на администрацијата, рестрикција во набавката на резервни делови и не исплата на прекувремени работни часови. Меѓутоа, недостасуваат водоинсталатери, работници за собирање на отпад, одржување на улиците и паркови и зеленила.