Македонија
31. January 2024 - 16:36

За една недела истекува привремениот притвор на Палчо, Лога договорил средба со својот турски колега

За една недела истекува притворот кој на Љупчо Палевски, првосомничениот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски му го опредилија турските правосудни органи,  постапувајки по барањето за екстрадиција.  Од Министерството за правда немаат точни информации кога Палчо би бил испорачан во државава, но за Сител потврдија дека имало договор министерот Лога да се сретне со својот турски колега идниот четврток. 

„Планирано е министерот за правда Кренар Лога да оди во официјална посета на Турција на 8 февруари заедно со претставници од правосудството. Средбата со министерот за правда на Република Турција е претходно договорена“, изјавија од МП за Сител.

Брза екстрадиција за Палевски, очекува и шефот на Основното јавно обвинителство Скопје. На денешниот брифинг со новинарите, Бубевски информираше дека предметот е во некоја средно-сериозна фаза, но немало нови осомничени лица во истрагата за двојното убиство.

„Ние сите очекуваме брза екстрадиција. Пример, нашите екстрадиции, ние кога ги испорачуваме луѓето, траат многу брзо. Тие се стварно брзи. Во овој случај воопшто не гледам пречка, кажа Гаврил Бубевски на денешниот брифинг со новинарите.

Првоосомничениот за двојното убиство на 14-годишното девојче и велешкиот фризер,  се наоѓа во затворот во Баликесир во Турција, каде беше фатен во обид за бегство. Таму може да биде задржан најмногу една година. Турските закони налагаат дека откако ќе завршат првите 40 дена екстрадициски притвор, може да му бидат доделени и нови 40.

Кога ќе биде донесен во земјава, Палевски ќе биде спроведен во КПУ, велат од правда, како што се постапувало и  со сите предмети за екстрадиција, без исклучок. Освен Палчо, за двојното убиство зад решетки се уште пет лица.