Македонија
2. February 2024 - 16:57

Нема млеко во маркетите, на повидок млечна криза

Нема домашно млеко по рафтовите. На повидок е нова млечна криза поради недостиг на суровина и намалено производство. Млекопрозиводителите стравуваат дека редиците од минатото, кога со часови се чекаше за леб и млеко, потворно ќе станат реалност. 

- Луѓето ќе чекаат редици како на времето за леб и брашно, сега за млеко. Ќе нема млеко. Граѓаните нема да можат да го купат во продавниците. Тоа е серизен проблем, вели Тони Петковски, производител на млеко

Проблемите изминатите години со ниската откупна цена, сега се одразуваат, велат производителите. Голем дел од одгледувачите беа принудени да ја продадат стоката, а младите сега не сакаат да чуваат крави, па затоа производството од година во година опаѓа. За недостигот на домашно млеко , ги обвинуваат и маркетите, кои чуваат залихи во магацините и чекаат да помине мерката со замрзнати цени, но и самите производители, на кои им е поисплатливо да го преработат увозното млеко, кое е поевтино од домашното.

Во просек откупната цена со субвенции во Евроспката Унија и во соседството изнесува 45 центи, или нешто помалку од 30 денари, додека кај нас се движи од 37 до 39 денари за литар. 

- Ќе има уште недостог на млеко. Репроматеријалите се увозни и скапи, така што сите што чуваа стока, принудени се да ја продаваат, додава Петковски

Статистичките податоци го покажуваат трендот на опаѓање на производството на млеко. Ако во третиот квартал во 2022-та, произведени и откупени биле 37,8 милиони литри млеко, истиот период лани биле откупени 37% помалку, односно 24 милиони литри. Стравувањата се дека млеко ќе има се помалку.