Македонија
17. February 2024 - 16:37

Штипските таксисти се жалат, нема услови за ноќни смени

Без ноќна тарифа, посебна тарифа за празници и викенди функционира такси превозот во Штип. Дали ќе се вози поскапо или поевтино одредува Советот на Општината. Од здружението на такси превозници бараат ова да се промени, а такси компаниите сами да одлучуваат за цената на такси услугите.

- Бараме либерализација, ова е пазарна економија, а не Советот да ни ја решава судбината. Секој нека си одредува цена според своите можности, својот квалитет, според условите и возниот парк. Ние за Штип немаме тарифи. Тоа не е нормално. Во секоја држава се знае, после 23 часот е една тарифа, за празници, за винекди, мора да има други тарифи, изјави Глигор Арсов, претседател на Здружение на такси превозници - Штип.

Такси возачите се демотивирани и според Арсов, третата смена во градот е скоро на нула. Втор проблем е што цената на нафтата расте, рапидно се поскапени и резервните делови, а треба да се размислува и за обнова на возниот парк.

- Би оделе и на нов Закон, возилата да се ограничат на ЕКО-6 или ЕКО-7, што би биле возила од 5 до 6 години старост, а не да возиме возила од 2000-тата година, што нема логика, ризично, небезбедно, додаде Арсов

Се уште стои отворено и прашањето со т.н „диви таксисти“ кои управуваат нелиценцирани возила и во случај на несреќа, не сносат никаква одговорност за патниците.