Институционален хаос со вакцините и приемот во градинка
Здравствени инспектори почнаа да ги бараат невакцинираните деца, градинките пак чекаат ДСЗИ да им даде решенија, родителите збунети, а вакциналните пунктови со нереални барања. Одлуката на министерот за здравство од денеска да не се примаат некомплетно вакцинирани деца предизвика институционален хаос. Иако контактиравме неколку директорки дали утринава имале зголемени отсуства и дали враќале деца кои не ги примиле потребните вакцини според календарот, не сакаа јавно да зборуваат, ниту пак споделуваа информации. Одговорот им беше дека чекаат насоки и официјален писмен документ од саниратниот и здравствен инспекторат за да не примаат невакцинирани. Од ДСЗИ пак првични информации што констатирале инспекторите најавија за утре.
Во меѓувреме родители ја поздравуваат одлуката, други сметаат дека имунизацијата треба да биде право на избор.
- Ви бараа ли вакцинален картон?
- Да, да бараа и однесовме и стварно треба да биде одлука на родителот, не да се условуваат, секој со свиоја одлука, вели родител
- Треба да бидат вакцинирани, за да се спречи епидемија. Работам во училиште, знам како е да отсуствуваат деца и пожелно е да бидат вакцинирани. Подобро е да има забрана сега, отколку не дај боже полошо да биде, вели друг родител.
По најавата за контроли во градинките во вакциналните пунктови денеска повторно имаше гужви. Едни доаѓале за прв пат да ги вакцинираат децата со ди-те-пер на 4 или 5 години, други за потврди дека нивните ги примиле сите вакцини за возраста, а имало и такви родители со нереални барања само да го носат детето во градинка.
- Родители доаѓаат иако децата примиле 3-та доза минатиот месец, но до ревакцина треба да поминат минимум 6 месеци, а во градинките бараат детето да има примено 4 дози, но не секое дете може да прими 4 дози. Имаме медицинско и законско растојание кое мора да го почитуваме. Потребно е да има индивидуализиран пристап за секое дете поединечно, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска, педијатар во вакцинален пункт во Поликлиника “Букурешт”.
Иако Комисијата за заразни болести уште пред еден месец препорача да се забрани прием на невакцинирани деца во градинка дали уште од тогаш ДСЗИ требаше да добие ваква наредба, а не одлуката да ја добијат во петокот. Демири се правда правда дека 3 недели бил министер.
- Мислам дека веќе пред две недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон тоа. Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам по секој начин да се вакцинираат оние, кои се невакцинирани. Да и во останатите градови ќе се враќаат од градинка, децата кои не се вакцинирани, изјави Илир Демири, министер за здравство.
Во меѓувреме бројот на заболени од голема кашлица во Скопје се искачи на 166. Денеска во Центарот за јавно здравје пријавени се 3 нови случаи.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар