ДСЗИ: Скоро 50 проценти од децата во Скопје кои посетувале градинка не се вакцинирани со ДиТеПер
Скопските градинки преполовени по одлкуката на министерот за здравство да не се примаат невакцинирани или нецелосно имунизирани деца со ДиТеПер. Првичните резултати од контролите на ДСЗИ покажуваат дека скоро 50 проценти од децата на предучилишна возраст ги немаат сите вакцини за заштита од голема кашлица. Состојбата пак во другите градови го задоволува опфатот за колективен имунитет.
- Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, изјави д-р Рената Младеносвка, директор на ДСЗИ.
Инспекторите на ДСЗИ вчера доставиле решенија во сите градинки од каде добиле уверување дека ќе ги почитуваат и нема да примаат невакцинирани деца. Мерката за заштита од пертусис предизвика револт и нејаснотии кај голем број родители. Дел од нив тврдат дека децата утринава им биле вратени од градинка бидејќи еден месец доцнеле со ревакцината зошто биле болни, а во книшката имале термин истата да ја примат во мај.
- Со доцнење бевме бидејќи беше болно кога требаше да се прими ДиТеПер , па примивме во меѓувреме МРП и сега по календарот треба да се прима првата ревакцина во мај. Мене ме нервира што се ставаат во ист кош вакцинирани и невакцинирани деца, изјави за Сител родител кој сакаше да остане анонимен.
Дали за овие и слични случаи ќе има исклучоци треба да се произнесат од Комитетот за имунизација.
Во меѓувреме дел од градинките испратија известување до родителите утре да ја носат и книшката бидејќи потврди нема признаваат. Оние деца пак кои поради здравствени причини не можат да се имунизираат треба да имаат конзилијарно мислење од детска клиника.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар