Македонија
17. October 2024 - 12:18

Македонија и Бугарија остануваат посветени на пругата од Коридорот 8

По неколку пропаднати обиди, Македонија и Бугарија во Брисел го започнаа дијалогот за заеднички да ја продолжат изградбата на пругата која е дел од Коридорот 8. Со посредство на претставници на ЕК средбата се одржала на ниво на државни секретари, онака како што инсистираше бугарската страна. Македонските претставници биле децидни дека  не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект. Министерот Николовски останува на ставот дека постоечкиот проект е неприфатлив, бидејќи цената е превисока.

Од министерството за транспорт велат дека единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа.

Бугарската страна пак порачала дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но изразиле подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.

Опозициската СДСМ реагира дека ниту тунелот бил слеп, ниту ќе се менува трасата за пругата. Обвинуваат дека се што зборувал Николовски било лага.  

Сега Владата се согласила и дека ќе се гради истиот проект и дека тунелот е добар и дека нема да се менува трасата. Има ли нешто за што не излажа Николовски откако е седнат на фотелјата? СДСМ постојано тврдеше дека станува збор за проект подготвен од меѓународни експерти, дека истиот е целосно во согласност со потребите на проектот и дека нема никаква друга пречка овој проект да се спроведе. Откако со месеци ја манипулираа јавноста, поништуваа постапки сега се сложија да го градат проектот онака како што досега беше планирано. 

До крајот на месецот на нова средба ќе бидат договарани детали за заедничката реализација на проектот.