Македонија
21. October 2024 - 12:21

Неевидентирани лица од други општини сакаат да добијат бесплатен кров над глава во Штип

Лица кои нелегално живеат во субстандардни услови во руинираните згради на старото нервно одделение во Штип се уште не се иселуваат, со надеж дека ќе добијат бесплатен кров над глава со изградбата на 41 типска куќа во населбата Света Недела. Ерол Адемов, советник за малцински прашања при локалната самоуправа појасни дека тоа не се жители на општината, бесправно се вселени во објектите и ќе мора да ги напуштат, зашто површината ќе се урбанизира, а таму ќе поминува и новиот булевар во изградба. 

- Многу пати интервениравме да го напуштат тоа место, со оглед на фактот дека ги нема во ниту една евиденција и да не очекуваат дека ако се тука, ќе добијат дом. Листата на станари ја направивме уште пред стартот на самиот проект, изјави Ерол Адемов, советник за малцинкси прашања- ЛС- Штип

Според списокот во типските куќи ќе се вселат 260 граѓани од ромска националност од кои половината се деца. Куќите ќе бидат готови до Нова Година, кога се очекува станарите да се вселат во нив. 

- Она што ќе биде важно е тоа што ќе се направат договори со овие семејства, со што ќе бидат корисници на овие домови. Ќе имаат обврска да си ги плаќаат комуналните такси за потрошена електрична енергија и вода, додаде Адемов.

Ќе има 4 типови куќи со различна квадратура во зависност од големината на семејствата. Проектот е финансиски поддршан со средства од фондовите на ЕУ, а освен во Штип, вакви куќи ќе се градат и во Берово.