Македонија
6. јуни 2025 - 17:11

ЗНАМ го потврди Максим Димитриевски за кандидат за Куманово

Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски и официјално е потврден како кандидат за нов градоначалнички мандат во овој град. Останува само да биде финализирана соработката со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, на ниво на коалиција или пак, на ниво на неофицијална меѓусебна поддршка со гласови.

Во разговорите со поголемиот партнер ЗНАМ ќе добие кандидат и за една скопска општина, најверојатно Карпош.

Но, Димитриевски не е единствениот фаворит кандидат чие име веќе е познато. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ веќе потврди реизбор на 25 имиња меѓу кои оние на Митко Јанчев за Кавдарци и Иван Јорданов за Штип. СДСМ пак, како свои фаворити за нов мандат веќе ги потврди Горан Герасимовски за скопски Центар и и Томе Христовски за Крушево. Од Вреди пак, кандидат фаворит е Билал Касами за Тетово.

Најголемите партии пак, се уште тактизираат за најатрактивната градоначалничка фотелја – онаа за Скопје. Мицкоски треба да одлучи меѓу министерот за локална самоуправа Перински и актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. Филипче пак, треба да одлучи меѓу својот фаворит архитектот Мишко Ралев и претседателот на скопскиот огранок кој се самонајави – Ѓорѓи Галетановски.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветуваат дека ќе го заокружат целосно процесот на објавување на кандидатите за градоначалници најдоцна за неколку недели, кога ќе се знае и каква соработка ќе договорат со коалициските партнери.

Сепак, внатрепартиските битки излегуваат и во јавност. Во СДСМ пример, се уште нема име за Струмица, иако анкетите покажале предност на актуелниот градоначалник Костадин Костадинов. Партиски противкандидат му бил претседателот на Советот – Маријан Даскаловски. ВМРО-ДПМНЕ пак, се уште има дилема дали да го поддржи актуелниот градоначалник Борче Јовчевски за Прилеп, или пак, да најде ново сигурно име.

Кај албанските партии се уште нема официјални имиња. Од Вреди најавуваат свој кандидат дури и за Скопје, но се надеваат на победничка позиција во скопски Чаир.

Кај ДУИ пак, за ова место се споменува екс-министерот за надворешни работи Бујар Османи. Таравари пак, освен во Гостивар, наводно договорил поддршка од интегративците за сигурно градоначалничко место во Сарај.