Владата отвора телефонска линија за барањата и потребите на повредените во Кочани и нивните семејства
Повредените од пожарот во Кочани и нивните семејства ќе можат да се јават на 070 355 526 и да ги кажат потребите, барањата и проблемите со кои се соочуваат за побргу да се најде решение. Телефонската линија која ја отвора Владата ќе биде достапна од понеделник. Оваа активност се презема по сугестија од членови на работната група за евалуација на повредените која изминатиот период работела на терен во директна комуникација со семејствата и медицинските тимови.
- Знаеме дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам,.Гледаме да бидеме брзи и ефикасни и најбрзо да помогнеме онаму каде можеме. Битно е преку телефонската линија во прва фаза да ги соберат и сублимираат сите барања и да ги проследат веднаш до институциите кои се надлежни и тие да ги решат во најкус можен рок, изјави Марија Митева, портпарол на Владата.
Дел од повредените преку “SupportKocani” реагираат и за малтретирањето до Скопје за да им биде направен ПРП медицински третман за побрзо заздравување на лузните, а притоа мора да го избегнуваат сонцето и високите температури.
Во големата трагедија во Кочани загинаа 62 лица, околу 200 беа повредени, а 5-мина се уште се на лекување во странство.
-
Алексанадр Динев
Сите содржини од овој новинар