Денеска пресуда за убиството на Вања и Панче
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски за кои се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.
Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од процесот кој траеше нецела година изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Во завршните зборови, одбраната на обвинетите побараа ослободителна пресуда, додека, Основното јавно обвинителство побара максимална казна доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Видевски и Манев, а за таткото на Вања побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокат Владимир Туфегџиќ, оцени дека обвинението против Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството. Тој посочи дека одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете.
Бранителот на обвинетиот Велибор Манев, адвокат Горан Бошевски, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во однос на кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривични дела.
Ослободителна пресуда побара и адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент. Според него, правецот по кој што е водена истрагата за овие кривично правни настани е целосно погрешен, а сите признанија се изнудени.
Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, исто така, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања.
Адвокатот Јовица Страшески, застапник на Палевски, побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека Обвинителството не приложило ниту еден конкретен доказ за вината на неговиот клиент. Тој презентираше нови снимки и службени белешки кои, според него, ја поткопуваат верзијата на ОЈО.
Претходно Обвинителството побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна. Според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. Како што наведоа, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, не сакал да ѝ наштети, но учествувал во киднапирањето, Велибор Манев призна учество во двете убиства, Боре Видевски првично призна вина, но подоцна негираше, Влатко Кешишев се обиде да се прикаже како послушник, но доказите покажуваат активна улога, а Љупчо Палевски се смета за организатор кој креирал алиби и уништувал докази.
По завршните зборови на Основното јавно обвинителство, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.
Завршни зборови на судењето за убиството на малолетната Вања и велешанецот Панче дадоа и обвинетите. Обвинетиот Палевски првпат јавно ги посочи Велибор Манев како организатор, Боре Видевски како извршител, а Влатко Кешишев како стражар во двата кривично-правни настани.
Манев откри дека синиот ранец со оружјето и моторолите бил скриен од член на партијата Десна, по налог на Палевски.
Видевски кусо изјави дека нема што да додаде на зборовите на својот бранител, кој претходно побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека признанијата се изнудени, а истрагата водена во погрешен правец.
Кешишев изрази каење и рече дека имал грижа на совест што бил дел од групата, но дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Ново на Сител
-
Роналдо му се заблагодари на Пиоли по заминувањето од Ал-Наср
-
Виолетовата медуза повторно присутна во делови на Грција
-
Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана
-
Измени на Законот за воздухопловство, предлог да се зголеми на шест години финансиската поддршка за нови авиолинии
-
Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “
-
Лион ќе се жали поради испаѓањето во Лига 2
-
Министерство за економија и труд: Да се применуваат мерките за заштита на работниците од горештините
-
Видеоиграта „Death Stranding 2“ достапна за обожавателите