Доживотен затвор за обвинетите за убиството на Вања и Панче, таткото на Вања доби ослободителна пресуда
Доживотни казни затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Судијата Ивица Стефановски читајќи ја пресудата образложи како на свиреп начин биле убиени двајцата- Вања со врзани раце и нозе со стеги, ставена во вреќа за спиење во багажник од автомобилот, при што била изложена на тешко психичко страдање, била убиена од Палевски во главата во местото Бразди, а потоа закопана во дупка која ја ископале другите обвинети.
Панче Жежовски со врзани раце со јаже и салотејп на устата, му било пукано во глава од страна на Палевски, а потоа бил фрлен во веќе ископана дупка во близина на Велес.
За таткото на Вања обвинителството не можеше да докаже вина, а судот донесе ослободителна пресуда.
За обвинителките, обвинетите добиле заслужена доживотна казна затвор, а за таткото на Вања ќе ја обжалат пресудата бидејќи се уште имаат сомнежи за негова инволвираност за киднапирањето на неговото дете. Двете имаа различен став за продолжување на притворот до правосилноста на пресудата.
Според адвокатот на таткото на Вања, пресудата не е во победничка атмосфера, иако неговиот клиент доби ослободителна пресуда, бидејќи и на самиот финиш, нема објаснување зошто Вања била киднапирана и убиена, а Александар бил обвинет во целиот процес.
Адвокатите на другите обвинети не се задоволни од пресудата- судењето било нефер и без никакви докази нивните клиенти се осудени на казна доживотен затвор. Ќе ја обжалат пресудата.
Убиствата се случија во декември 2023 година. По интензивни 35 рочишта денеска беше донесена пресудата. Во судницата се менуваа искази, се призна вина, но и се негираше вина. Љупчо Палевски до самиот крај тврди дека не ги извршил убиствата. Пиштолот со кој беа извршени убиствата не е пронајден.
На завршните зборови Велибор Манев посочи вработен во Народната банка дека тој го уништил оружјето со кое се убиени Вања и Панче. За него се води поседна постапка, која според обвинителството не влијае на пресудата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар