Македонија
3. July 2025 - 19:48

Учениците од следната година ќе учат програмирање и употреба на алатки базирани на вештачка интелигенција

Програмирање и алатки базирани на вештачка интелигенција влегуваат во образованието. Учениците во редовната настава ќе учат како да кодираат, но и како да ги користат алатките.

 - Планираме проектот да отпочне ова лето со подготовки на материјали и очекуваме дека практичната реализација во училиштата и освен материјали и подготовки на настава, работа со наставниците и професорите и очекуваме дека реализација во училница ќе почне во јануари 2026 година, вели министерот за дигитална администрација, Стефан Андоновски. 

Тимот од Министерството за дигитална трансформација, заедно со експерти од Бритиш Каунсл прво ќе работат на обука на наставниците. Откако тие ќе бидат подготвени дигиталните алатки ќе влезат и во редовната настава. Идејата е да се почне прво од руралните средини, па дури потоа вештачката интелигенција и програмирањето ќе влезат во градовите.

Министерката за образование вели дека училиштата ќе добијат прирачници и за учениците и за наставниците за користење на вештачка интелигенција. Смета дека е важно таа да влезе во образовниот процес бидејќи постојат и ризици, како заштита на личните податоци, но и етичко користење.

- Веќе е влезено во употреба, но тоа е неконтролирано. Ние и другите алатки кои ги користат од вештачка интелигенција треба да ги ставиме под контрола и да ги обучиме како да ги користат, вели Јаневска. 

Овој потег не е новина во Европа. Естонија, дигитално најразвиената земја во Европа од идната учебна година исто така ја внесува вештачката интелигенција во образованието. Планот на тамошните власти е од септември повеќе од 20.000 средношколци да добијат пристап до алатките, а околу 3.000 наставници ќе бидат обучени како да го пренесат своето знаење на учениците. Овој проект Естонија планира да го прошири во сите училишта.