Мицкоски: Нема да има данок за неженети и немажени
Данок за неженети и немажени ќе нема, кажа премиерот Мицкоски. Целта било да се предизвика јавна дебата за лошата демографска слика на Македонија. Тивко исчезнуваме и изумираме, а тоа поминува незабележано, вели премиерот и додава дека неодговорно би било да се помири со фактот во 2016-та година да се родени 23 илјади бебиња, а во 2024-та само 16 илјади. Според него, тоа е рецесија од 30%.
Она што е познато е дека се подготвува цел пакет бенефиции кои ќе важат за брачни парови, олеснувања при вработување, стекнување дом и промени во парафискални давачки.
И минстерот Лимани најави 20-ина проекти за зголемување на наталитетот, меѓу кои драстично зголемување на еднократна финансиска помош за прво и второ дете и близнаци, поврат на данок на личен доход за мајки по зарвшување на породилно отсуство, изградба на детски градинки.
Светските искуства покажуваат дека повеќето земји кои успешно се справуваат со демографскиот пад користат комбинација од даночни олеснувања, директна парична поддршка и субвенции за домување и згрижување деца.
Франција применува т.н. „семеен количник“, каде приходот на семејството се дели со бројот на членови со што се намалуваат даночните обврски за семејствата со деца.
Унгарија нуди доживотно ослободување од персонален данок за мајките со најмалку четири деца.
САД го зголеми надоместокот за родители – од 2.000 на 2.200 долари по дете.
Германија. се потпира на месечни детски додатоци кои изнесуваат од 250 до 300 евра, како и на даночни олеснувања за родители и брачни парови со деца.
Во Русија, државата исплаќа „надоместок за мајчинство“, кој се доделува при секое новородено дете, а одредени федерални региони нудат и даночни олеснувања за семејства со три или повеќе деца.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар